Втора по ред рутинска победа над Гостивар со која дојдовме на чекор од полуфиналето!

Со одлична и пред сѐ паметно дозирана игра и со феноменален блесок во третата четвртина (32-11), нашите момци дојдоа и до втората по ред победа против Гостивар (89-67) во четврт-финалната плејоф-серија од домашното првенство, по која дојдовме на мал чекор до пласман меѓу четирите најдобри екипи.

Игравме без повредените Ејасу Ворку и Бојан Крстевски, а речиси рамномерна шанса добија сите останати во тимот. Меѓу нив двоцифрен поентерски ефект имаа Харис Делалиќ со 14 поени и шест скока, Дамјан Робев со 13 поени и Андреј Андоновски со 12 поени.

Третиот меч од серијата, во кој ќе ја имаме прва „меч-топка“, ќе се одигра следниот викенд на теренот на противникот. Претходно нѐ чека реванш-дуелот од четврт-финалето од АБА2 на гости кај Широки, каде што патуваме со предност од 16 поени од првата средба во Скопје.