БЛОГ: Празник или не – цел Аеродром в петок мора да се појави во сала!

Чудно е како за некои настани кои се случиле пред повеќе од 10 години меморијата ми е кристално јасна и можам да опишам се од точка до точка, од минута до минута и општо гледано знам каде сум бил и е што сум правел. Веројатно тие случувања оставиле како некои што велат неизбришлива трага на мојата личност и потсвест, но мислам дека ова остави траги на колективната меморија од моето и нашето тогашно, а дел и сегашно окружување. Некаде околу Велигден 2012 година, средина на месец и април и временски прилики слични на денешните: променливо, дождливо и местимично делимично.

После осум тешки години МЗТ влегува во финалето на плејофот, но овојпат некако и во улога на фаворит. Купот беше освоен, кохезијата на релација управа-стручен штаб-играчи-навивачи беше повеќе од евидентна и сите со нетрпение чекаа да започне финалето против Фени кого веќе неколку пати го имавме победено таа година. Аудио-визуелно одговорниот дел од групата веќе одамна знаеше што ќе подготвува: Плава Чета во освојувачки поход. Дотогаш најголемото покривно знаме кое сме го направиле и нацртале, со барјакот на Јане во средина кој ќе ја поведе плавата чета во феноменален низ на трофеи. Но, далеку од тоа дека се беше идеално.

Викендот пред натпреварот беше Велигден и по обичај поголемиот дел од луѓето во Скопје беа некаде заминати. Но, екипа од 5-6 луѓе беше останата да го подготви воведот во походот кон титулата. 3-4 дена работа по 10-12ч: мерење, сечење, шиење, скицирање, боење, сушење. Но, после тоа и чистење на салата заедно со тогашниот директор. Сепак, целта е една и сите мора да го дадат својот максимум. Сред цела работа веста за масакрот кај Смилковско езеро. Дали ќе се игра воопшто? Денови на жалост, неверување со тага и потенцијални меѓуетнички немири. Сепак, некако се собираат емоциите и се продолжува понатаму. Среда попладне, старт на натпреварот: Визуелниот дел беспрекорен, аудиото уште подобро! Походот официјално започна и никако да запре. Аналогијата на тој период од пред 11 години со денешниот во многу работи кореспондира, но овојпат имаме поход кон опстанок. Познато е одамна дека имало моменти каде што повеќе сме се радувале на опстанок отколку на титула, сепак тоа ни е во аеродромската ДНК.

Имавме тешка сезона со доста турбуленции, играчки и тренерски промени, глатко освоен Куп и солидни изданија во домашното првенство. Сепак, после низа на несреќни порази сето тоа го наплативме против Сплит минатата недела што ни дава можност за опстанок само доколку победиме дома против Цибона. Повторно е период околу Велигден, повторно кохезијата е на дофат на рака, и повторно сите мораме да дадеме 100% од себе за да стигнеме до заедничката цел. Во петок можеби пола Скопје ќе оди некаде на продолжен празничен викенд, но цел Аеродром мора да се појави во сала! Многу работи ќе ни зависат од овој меч, тука ни се одлучува судбината дали следната година ќе се стабилизираме во АБА-1 и со поширок ростер, подобра организација и финансиска поддршка ќе се бориме за плејоф, или пак ќе играме АБА-2 која како клуб одамна ја имаме надраснато.

Тимот заслужи за последното коло од оваа сезона да добие максимална поддршка од сите нас без разлика на лошите резултати, но сепак крајот делото го краси и да се потрудиме сите крајот да биде една убава приказна.