Да го поддржиме нашиот МЗТ во што поголем број, за да уживаме во елитното друштво

Нашиот клуб ја доби честа да биде домаќин на завршницата од НЛБ АБА2 Лигата и подготвени сме да дадеме се од себе да ја оправдаме довербата и да покажеме дека сме на далеку повисоко ниво од сегашното и дека местото ние во јадранската елита – како организациски така и спортски.

СЦ „Јане Сандански“ од 13 до 17 април, покрај плаво-белата чета, ќе ги нагости уште и Борац Бања Лука, Хелиос, Широки, Спарс, Младост Земун, Златибор и Сутјеска, осум екипи од пет различни држави кои доаѓаат со иста цел – влез во АБА1. Ќе се покажеме како одлични домаќини надвор од теренот, но на паркетот, ќе бидеме немилосрдни кон секој ривал, бидејќи е време МЗТ Скопје Аеродром пак да игра со најдобрите во регионот.

За да го оствариме тоа, ни треба вашата помош. Дојдете во салата во Аеродром и помогнете ни да го реализираме сонот – наш и ваш. Заедно сме најсилни! Целиот настан ќе биде од хуманитарен карактер, а деталите за тоа како ќе се продаваат билетите и во соработка со која фондација ќе биде сето тоа направено – ќе објавиме наскоро.