Со пеколна серија на крајот до посакуваните бодови во Куманово!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до третата победа во третиот меч во 2022 година, откако вечерва пред нашите момци оружјето го положија нивните ривали од Куманово (70-65).

Клучна за нашиот триумф беше пеколната серија во последните четири минути, кога заигравме гранитна одбрана и не примивме ниту еден поен, а во исто време постигнавме дури 15. Така непријатниот минус 10 (55-65) го претворивме во речиси убедлива победа, до која дојдовме со десеткуван состав.

Иако беа во составот, не настапија Адем Мекиќ поради повреда и новакот Морис Кари, кој се уште се аклиматизира на големата часовна разлика во однос на САД, а го немаше и Војдан Стојановски, чија регистрација за нашиот тим се финишира за да биде на време за претстојниот турнир од АБА2 во Бања Лука. Згора на тоа, во второто полувреме останавме и без капитенот Дамјан Стојановски, кој го повреди скочниот зглоб, незгода која воопшто не делуваше наивно и за која повеќе ќе се знае по утрешните детални прегледи.

Во нивно отсуство, најефикасен беше Хуан Дејвис со 17 поени, Бојан Крстевски додаде 15 поени, додека Дамјан Робев имаше 11 поени со девет скока, а Кристијан Николов по осум поени и асистенции. Роберт Рикиќ застана на 10 поени, а Немања Милошевиќ на девет заедно со шест скока.

МЗТ Скопје со овој триумф дојде до скор 12-3 во домашната Прва лига. Екипата в сабота тргнува на пат кон Бања Лука, каде што ќе ги одмери силите против Сутјеска (7 февруари), Подгорица (9 февруари) и против Војводина (12 февруари).