Првиот чекор кон АБА1 направен, остануваат уште два!

Првиот од трите потребни чекори за враќање во јадранската елита е направен, откако нашите момци вечерва, по голема борба и пред прекрасната публика, ја совладаа Сутјеска (73-68), во четвртфиналето од завршницата во НЛБ АБА2 лигата која се игра во „Јане Сандански“.

Можеби немавме некое убедливо водство, но го контролиравме резултатот во сите 40 минути, без да му дозволиме на ривалот воопшто и да помисли на некакво изненадување. Шестте поени во низа во последните две-три минути ни го донесоа првото двоцифрено водство (70-60), како печат на заслужениот триумф, со кој им се реваншираме на никшиќани за поразот во регуларниот дел од првенството.

Кристијан Николов со 17 поени и шест асистенции беше прво име во сино-белата чета, додека веднаш зад него беа Војдан Стојановски со 15 поени и Хуан Дејвис со 11 поени. За одбележување е и настапот на Дамјан Стојановски со девет поени и осум скока.

Наш противник во задутрешното полуфинале (21 часот) ќе биде подобриот од вечерашниот последен четвртфинален дуел помеѓу Широки и Спарс.