Дарио Митевски следните четири години во првиот тим на МЗТ Скопје!

Капитенот на кадетската, јуниорската и младинска репрезентација на Македонија и доскорешен лидер на МЗТ Скопје УНИ Банка, Дарио Митевски (19 год, 190 см), денеска и официјално е „прекомандуван“ во нашиот прв тим и актуелен шампион МЗТ Скопје Аеродром, со кој потпиша нов четиригодишен договор со важност до крајот на сезоната 2024/25.

Станува збор за првата од многуте успешни приказни во најава поврзани со нашата младинска школа и со инвестицијата во втор сениорски прволигашки тим, кој почнува да функционира онака како што беше замислено – како расадник на таленти кои во следниот период гордо ќе го носат сино-белиот дрес на највисоко ниво. Митевски е дете на МЗТ Скопје Аеродром, каде што ги направи првите кошаркарски чекори уште на 13 годишна возраст и кој се очекува да биде светла иднина и еден од следните лидери на нашиот клуб.

Талентираниот плејмејкер веќе се аклиматизира во првиот тим, каде што се очекува да добие шанса веќе и во претстојната сезона, како опција за организирање на играта заедно со Американецот Дастин Вер и репрезентативецот Кристијан Николов, кои истовремено ќе бидат негови ментори во обидот што побрзо да дојде до највисокото можно ниво.