Хасани Гравет од МЗТ Скопје слета директно во – Орландо Меџик!

Дека беше еден од подобрите странци во последно време во таборот на МЗТ Скопје Аеродром, Американецот Хасани Гравет го потврди и со ангажманот по заминувањето од нашиот клуб, откако синоќа дојде информацијата дека потпишал договор со НБА-екипата на Орландо Меџик.

Популарниот Сани беше дел од овој тим во Летната лига, каде што имаше просек од осум поени и по 2,6 скока и асистенции, по што доби шанска за докажување во тренинг-кампот на „магичните“ во пресрет на новата сезона.

Преселбата на Гравет во тимот од Флорида воедно е прва во историјата на кошаркар од македонското првенство директно во НБА-лигата, што е дополнителна потврда на исправниот начин на кој се бираат странските кошаркари за настап во МЗТ Скопје. Одличниот бек минатата сезона настапи на 26 средби од домашното првенство со просек од 12,1 поени, 4,4 скока и 3,7 асистенции додека во АБА2 на 12 натпревари просечно реализираше 12,4 поени, 3,9 скока и три асистенции.