Талентираниот Величковски со 15 години ќе игра за првиот тим на МЗТ Скопје!

Управата на МЗТ Скопје Аеродром продолжува со заложбите за давање шанса на талентираните кошаркари, кои треба да бидат светла иднина на нашиот клуб, откако денеска го официјализира договорот за стипендирање со 15-годишниот Бојан Величковски.

Станува збор за еден од најперспективните играчи од нашата младинска школа, кој летово напорно работи заедно со далеку поискусните од првиот тим и кој веќе дебитираше во сениорскиот тим на пријателскиот турнир во Лесковац. Величковски е кадетски репрезентативец на Македонија, од кого се очекува многу ако продолжи да работи напорно и посветено како и до сега.

Со оглед на возраста, соработката со него е за следните три години, односно до неговото полнолетство, по што тој самиот ќе може да го парафира својот прв професионален договор, секако со МЗТ Скопје Аеродром. Нашите тренери и членови на управата во Величковски гледаат голем влог за иднината, поради што се очекува уште како 15-годишник ќе добие шанса да се натпреварува дури и со двојно повозрасни противници.