Ја заверивме пол-позицијата и закажавме плејоф-четвртфинале со Кожув!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва, како гости, рутински го совладаа тимот на Феникс (82-64) во последниот меч од претпоследната рунда во Првата лига, со што на коло до крајот го осигураа првото место на табелата за плејофот.

Мечот беше неизвесен само во првата четвртина, во која домаќинот му пружи каков-таков отпор на шампионот. Како одминуваше средбата, така се зголемуваше предноста на момците во сино-бело, кои со серија 10-1 во финишот од втората четвртина се одлепија на 39-28, што беше најава за крајниот епилог.

Бојан Крстевски и Кеандре Кук со по 15 поени беа најефикасни кај „металците“, додека Абдул-Малик Абу и Мајк кефи реализираа по девет поени. Екипата и вечерва беше предводена од првиот асистент во стручниот штаб, Васко Атанасов, додека тренерот Драган Николиќ даваше совети од клупата, откако доби препорака од нашите лекари за мирување по прележаниот корона вирус.

МЗТ Скопје сега има скор 19-2, односно две победи повеќе од Пелистер. Ова значи дека веќе го знаеме името на противникот во четврт-финалето од доигрувањето, а тоа е осмопласираниот Кожув.