Победа со пресврт над Цибона, сега чекаме добри вести од Подгорица!

Со неверојатната игра во третата четвртина, која ја добивме со фантастични 30-5, нашите кошаркари дојдоа до посакуваната победа над Цибона (87-74) во последниот меч од регуларната сезона во АБА, која им носи надеж за избегнување директно испаѓање од јадранската елита.

Аеродромци по едно лошо прво полувреме, особено во одбраната, по кое противникот на одмор заминаа со негатива 12 (53-41), во продолжението заиграа како животот да им зависи од тоа. Ваквиот пристап вроди со плод, па со низа 22-2 не само што ја анулираа негативата, туку и дојдоа до солидна предност, која до крајот на третиот период беше изразена и со двоцифрена разлика. Таа во последната четвртина достигна и до плус 17 (75-58) како најава на еуфоријата во салата „Јане Сандански“

Мајк Кефи со 19 поени, шест скока и седум асистенции беше лидер на „металците“, а веднаш зад него беше Александар Бурсаќ, кој средбата ја заврши со 17 поени и четири скока. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Кеандре Кук со 15 и Војдан Стојановски со 14 поени.

МЗТ Скопје сега има скор 7-19, односно една победа повеќе од директниот конкурент Борац Чачак, кој утре ќе му гостува на Будуќност. Српскиот тим има подобар меѓусебен скор со македонскиот првак, што значи дека мора да загуби во Подгорица за четата од Аеродром да ја задржи посакуваната 13. позиција на табелата, која носи бараж со второпласираниот тим од АБА2.