Моите први чекори!

Секој од нас што навиваме и низ годините го поддржуваме МЗТ Скопје имаме низа свои приказни и настани кои ги паметиме. За некои, тоа се победите, титулите, куповите и среќните моменти, додека, пак, за други се некои несреќни порази, загубени натпревари или непријатни ситуации. Медалот секогаш има две страни, па така е и со нашата љубов кон саканиот клуб.

Сепак, со голема веројатност, сите ние паметиме кога за првпат сме отишле во сала и сме се заразиле со плаво-белата боја. За некои тоа било некое дерби, за други евро-натпревар, за трети сосема неважен меч од домашното првенство, но, сепак, длабоко во нас тие мигови знаат сентиментално да нѐ потсетат на минатото. Сите ние се сеќаваме на некоја специфична ситуација, сеедно дали сме играле дома или на гости, сите имаме своја верзија на приказните и сите ние голем дел од тие моменти, маалски или во друштво, сме ги прераскажувале повеќе пати.

Идејата за овој блог е токму секој од нашите навивачи и симпатизери да има можност да ја сподели својата приказна за МЗТ Скопје. Кои биле вашите први чекори накај салата, кои биле вашите најсреќни или најтажни моменти, кои сте ги поминале следејќи го омилениот клуб? Ве покануваме да бидете дел и интерактивно преку нашиот веб-сајт да им овозможите и на оние кои кои немале такво искуство да можат да се потсетат на минатото, да се запознаат со историјата на клубот и да посведочат индиректно за нешто што се случило.

Сосема сеедно е дали сте биле активни во 80-ите, 90-ите или пак од минатата сезона. Секој од нас има своја интересна приказна без разлика на периодот во кој се случила. МЗТ ни носел среќа, но и тага и пред 50 години, но и денес така што веруваме дека е добро да се знаат двете страни на приказната.

Би сакале и ве мотивираме да бидете креативни, но и реалистични. Фактите во приказните секако дека се на прво место и ние како уредници на веб-порталот секако ќе се потрудиме вашето минато искуство да биде пренесено на вистински начин: реално, уредно и стилски. Доколку имате и приватни фотографии или видеа кои сакате и сметате дека треба да бидат објавени секако ве охрабруваме да ни ги испратите и тие.

Можете да ни ги испраќате вашите кратки или долги приказни на нашата мејл адреса: marketing@mztskopjeaerodrom.mk , но и во порака преку Фејсбук-страницата. Нема да бидат објавувани содржини кои содржат вулгарности, навреди или непроверени факти.

Уредниците го задржуваат правото за граматичка корекција на текстовите.