Девојчето со транспарентите: МЗТ – вечно ќе те сакам!

Нашата покана да ги споделите своите приказни поврзани со МЗТ Скопје Аеродром наиде на одличен прием, па во поштенското сандаче почнаа да ни пристигнуваат мејлови со текстови во кои ја опишувате својата поврзаност и љубов со и кон гордоста на Аеродром.

Прва беше девојчето кое е редовно на трибините, добро препознатливо со своите транспаренти, испишани со искрени зборови за нејзината голема љубов кон нашиот клуб.

„Првпат на натпревар на МЗТ Скопје бев во 2017 година, кога моите миленици играа против Мега Лекс. Претходниот ден слушнав за тој натпревар од татко ми и брат ми, па се решив да им се придружам. После него, знаев дека МЗТ не е само обичен клуб, туку клуб за кој верно ќе почнам да навивам. Продолжив да одам на натпреварите каде што ги минував најдобрите моменти. Еден ден, кога влегов во книжарница, видов темно-плав хамер и во тој момент ми дојде идеја да го посветам за МЗТ. Дојдов дома и веднаш почна да размислувам за идеи како и за што да го искористам хамерот. На крај, се одлучив за слоганот ‘МЗТ ПОБЕДИ ЗА НАС’.

На следниот натпревар, собрав храброст за да го донесам и не се каам што го направив тоа. Сѐ уште ги памтам лицата на играчите и навивачите тој ден. Натпреварот го загубивме со 40 разлика, но тоа не ме демотивираше. Продолжив да правам транспаренти како ‘МЗТ ТИ СИ ШАМПИОН’ и ‘МЗТ ВЕЧНО ЌЕ ТЕ САКАМЕ’.

Едни од омилените моменти ми се од Купот на Македонија во 2018 година, секогаш ќе памтам како со брат ми гледав од дома со „МЗТ“ напишано на лицето со плав фломастер, иако тогаш не бев во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Еден од најтажните моменти ми е од годинешното куп-финале од годинава, бидејќи не успеав да влезам во салата во Кале, како и многу други кои чекаа пред вратите, а секако и дека изгубивме од ТФТ. Чекавме скоро половина час пред влезот и кога дојде ред да влеземе обезбедувањето ни ги затвори вратите. Со МЗТ израснав и сѐ уште растам, одам на натпревари, а мојата љубов кон МЗТ е поголема од кога било. МЗТ има посебно место во моето срце и секогаш ќе има.“