Убедлива победа над СЦ Дерби – прва во АБА по четири години!

Кошаркарите на МЗТ Скопје во четвртиот меч од новата сезона и по четири години од претходната во сезоната 2017/18, дојдоа до првата победа совладувајќи го на домашен терен СЦ Дерби (92-79).

Сино-белите одиграа фантастично од првиот до последниот момент, го оставија срцето на паркетот и покажаа дека немаат намера однапред да се предадат во борбата за опстанок во јадранската елита. Клучна за нашиот триумф беше серијата 16-2 остварена кон крајот на втората и почетокот на третата четвртина (60-48), која потоа беше потврдена со седум поени во низа за огромни 72-57. Тоа беше показател дека избраниците на тренерот Александар Петровиќ ќе издржат до крај и ќе ја израдуваат армијата навивачи, чија поддршка беше драгоцена.

Мајк Кефи беше лидерот на МЗТ Скопје со 23 поени, четири скока и седум асистенции, додека зад него беа „кулите близначки“, Самет Југитоглу со 13 поени и шест скока и Страхиња Миќовиќ со 13 поени и шест скока. За одбележување се и настапите на Дамјан и Војдан Стојановски со 14 односно 12 поени, како и на Андреј Магдевски со седум поени и седум асистенции.

Наш следен противник во АБА е тимот на Цедевита Олимпија, меч закажан за следната сабота. Претходно, в среда, ќе му гостуваме на вечниот ривал Работнички во дуел од 3. коло од домашната Прва лига.