Со победа над Кожув ја почнавме Топ 6 фазата!
МЗТ Скопје Аеродром со победа го почна третиот круг од регуларниот дел во Супер лига, откако денеска во салата „Јане Сандански“ го совлада Кожув со 84-75 и ја запиша 20. победа сезонава.
Избраниците на тренерот одиграа тежок и исцрпувачки натпревар против мотивираниот тим од Гевгелија, кој максимално се обиде да ги искористи проблемите на аеродромци со повредени и недоволно опоравени кошаркари. Гостите во голем дел од средбата беа резултатски конкурентни и не му дозволуваа на домашниот состав полесно да стигне до триумфот.
Сепак, кога беше најпотребно, актуелниот шампион го покажа својот квалитет. Во завршницата на мечот „сино-белите“ одиграа на највисоко ниво и со серија од 14-3 го скршија отпорот на Кожув, обезбедувајќи заслужена победа пред своите навивачи.
Најефикасни во редовите на МЗТ Скопје беа Дамјан Стојановски и Душан Танасковиќ со по 21 поен. Капитенот натпреварот го заврши и со 10 скока за дабл-дабл учинок, додека српскиот центар додаде и седум скока. Војдан Стојановски реализира 15 поени, а Мек Смит средбата ја заврши со 12 поени и седум асистенции.
По овој триумф, МЗТ Скопје Аеродром има биланс од 20 победи и само три порази во досегашниот тек од шампионатот.
Следен предизвик за нашиот тим ќе биде дерби-пресметката против ТФТ, која ќе се одигра во текот на оваа недела.