Убедлив триумф над Чаир 2030 за крај на 2025 година!

Кошаркарите на МЗТ Скопје со убедлива и сигурна победа против Чаир 2030 од 76-48 ја спуштија завесата на 2025 година, заокружувајќи уште една исклучително успешна календарска година во која „сино-белите“ повторно стигнаа до триплета – титула во првенството, Куп и Суперкуп.

Отпорот на противникот траеше само во првата четвртина, по што следеше целосна доминација на избраниците на тренерот. Клучна беше втората четвртина која МЗТ ја доби со убедливи 25-6, период во кој практично беше решен победникот и трасиран патот кон нов сигурен триумф. Во продолжението, домашниот тим рутински ја контролираше предноста за конечни 76-48 и скор од 10-1 на половина од шампионатот.

Најефикасен во редовите на МЗТ беше Мек Смит со 17 поени и 6 скока, Чарлс Гил постигна 14 поени и додаде 7 скока, Хуан Дејвис средбата ја заврши со 11 поени и 6 скока, додека капитенот Андреј Магдевски одигра одличен натпревар и забележа дабл-дабл учинок од 10 поени и 10 асистенции, надополнети со 6 скока и 5 украдени топки.

Првиот предизвик за МЗТ Скопје во новата година ќе биде гостувањето кај Маџари на 10 јануари.