Сино-бела доминација – признанијата на КФМ завршија во Аеродром!
Минатата сезона беше во знакот на „сино-белите“, а тоа официјално го потврди и Кошаркарска федерација на Македонија, која на синоќешната свеченост ги додели наградите за најдобрите во македонската кошарка.
Со особена гордост, МЗТ Скопје Аеродром може да се пофали дека најважните индивидуални и колективни признанија завршија токму во витрините на клубот. Капитенот Дамјан Стојановски беше прогласен за најдобар кошаркар, признание кое претставува круна на неговите одлични настапи и лидерството на теренот во текот на шампионската сезона.
Признанието за најдобар тренер заврши кај стратегот на МЗТ, Васко Атанасов, како потврда за одличната работа, резултатите и доминацијата на тимот во домашното првенство и куп натпреварувањата.
Заокружување на успешната сезона беше и наградата за најдобар клуб во Македонија, која сосема заслужено му припадна на МЗТ Скопје Аеродром – признание за континуитетот, работата, организацијата и шампионскиот менталитет кој го краси клубот.
Овие награди се уште една потврда за посветената работа на играчите, стручниот штаб и раководството, но и мотив повеќе МЗТ Скопје да продолжи уште посилно и во периодот што следува, со истите амбиции – освојување трофеи и нови успеси.