„Задоволен сум и покрај поразот – најмногу од односот на кошаркарите!“

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром загубија на синоќешното гостување против Црвена Звезда (67-87), во меч во кој не изглегоа со бело знаме, туку се бореа од првиот до последниот момент од средбата, поради што заслужија пофалби без разлика на крајниот епилог, со оглед што против себе имаа евролигаш кој е актуелен шампион во АБА.
Вакво е и размислувањето на нашиот тренер, Александар Петровиќ, кој по средбата му честита на противникот, но искажа и фалби за своите избраници, особено во еден посебен сегмент од играта.
„Одигравме колку што можевме против силен евролигашки тим. Бевме подобри во играта во одбрана отколку во нападот. Офанзивно затаивме во одредени моменти, имавме пропусти, но и покрај тоа сум задоволен, најмногу од односот на играчите. Го контролиравме скокот, но имавме повеќе загубени топки, што искусен тим како Ц. Звезда ги искористи и тука ја гледам причината за поразот. Игравме без двајца играчи, Еван Максвел и Адем Мекиќ, кои се повредени, но еден од нив двајца очекувам да ни помогне против Партизан“, изјави Петровиќ.
Мечот против вториот белградски евролигаш ќе го одиграме во нашиот „Јане Сандански“ и тоа на 10 октомври, на затворањето на втората рунда од јадранското натпреварување.