Дамјан и Војдан Стојановски ги продолжија договорите со МЗТ Скопје!

Ова беше еден од приоритетите на управата во пресрет на новата сезона, кој успешно беше завршен на радост на армијата навивачи на гордоста на Аеродром. За капитенот Дамјан ова ќе биде 12. сезона во сино-белиот дрес во која ќе ја брка јубилејната десетта титула, сите освоени со нашиот МЗТ. Пред Војдан, пак, е четврта сезона како член на нашиот клуб, откако првпат ни се приклучи на почетокот од 2022 година.

Обновата на соработката со браќата Стојановски е само продолжување на нашата клупска политика за формирање тим предводен пред се од квалитетни македонски кошаркари. Договор со нашиот тим имаат уште Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ, со што веќе имаме затворено половина од ростерот за средбите што нѐ чекаат во домашните натпреварувања и во АБА2-лигата.

Потпишувањето со Дамјан и Војдан е само почеток на ангажманот на нашиот клуб на летниот трансфер-пазар, што значи дека во следниот период ќе информираме за дополнителните засилувања меѓу кои ќе бидат квалитетни Македонци и неколку одлични интернационалци.