Уште една титула освоена без пораз во големото финале!
МЗТ Скопје Аеродром повторно е на врвот на македонската кошарка! „Сино-белите“ вечерва ја заверија 13. шампионска титула во клупската историја, откако со победа од 80-74 над Маџари ја комплетираа финалната плејоф-серија со максимални 3-0 и уште еднаш го потврдија својот шампионски статус.
По триумфите на првите два натпревари во „Јане Сандански“, кошаркарите на МЗТ Скопје не дозволија никаква неизвесност околу конечниот победник на серијата. И на гостински терен одиграа зрело, борбено и одговорно, за на крајот заслужено да дојдат до третата победа и ново славје со своите навивачи.
Со овој успех, МЗТ Скопје уште еднаш покажа дека е најконстантниот и најуспешниот клуб во македонската кошарка во изминатите две децении. И покрај бројните проблеми со повреди во текот на сезоната, тимот успеа да го издржи секој предизвик, да ја надмине секоја пречка и на крајот да стигне до најважната цел – шампионскиот трофеј.
Патот до титулата не беше лесен. Аеродромци мораа да минат низ драматична полуфинална серија против Пелистер, која беше решена во мајсторка, пред во финалето убедливо да го совладаат Маџари со три победи во исто толку натпревари.
Ова е 13-та шампионска титула за МЗТ Скопје Аеродром, уште едно големо признание за клубот, играчите, стручниот штаб и сите кои беа дел од сезоната во која повторно беше потврдено каде е домот на македонската кошарка.
Шампионскиот пехар останува таму каде што му е местото – во Аеродром.