МЗТ следната сезона ќе игра во ФИБА Еврокупот!
Актуелниот македонски шампион МЗТ Скопје и официјално потврди дека во сезоната 2026/27 повторно ќе биде дел од европските клупски натпреварувања, откако аеродромци ќе настапуваат во групната фаза на ФИБА Еврокупот. Со тоа, сино-белите се враќаат во ова натпреварување по пауза од две ипол децении.
Покрај обврските во АБА2 лигата и домашното првенство, избраниците на Васко Атанасов ќе имаат и најмалку десет европски натпревари, колку што носи групната фаза на ФИБА Еврокупот. Имињата на противниците ќе бидат познати по ждрепката закажана за 16 јули во Минхен.
Од клубот не ја кријат гордоста поради враќањето на европската сцена, оценувајќи дека станува збор за уште една потврда за континуираниот развој на МЗТ Скопје и за амбицијата клубот и понатаму да биде еден од најдобрите претставници на македонската кошарка надвор од границите на државата.
Во Аеродром се свесни дека претстојната сезона ќе биде исклучително напорна, со голем број натпревари и силни ривали на три различни фронта, но истовремено сметаат дека токму ваквите предизвици се вистинскиот мотив за понатамошен раст и напредок.
Целта на „металците“ останува непроменета – конкурентност на секој натпревар, достоинствено претставување на македонскиот спорт во Европа и продолжување на традицијата поради која МЗТ Скопје со децении важи за еден од најпрепознатливите македонски кошаркарски клубови на меѓународната сцена.