Турскиот министер за спорт во посета на МЗТ Скопје!

Министерот за спорт на Република Турција, Мехмет Касапоглу, заедно со турскиот амбасадор во нашата држава, Хасан Мехмет Секизќок и со турскиот конзул Абдурахман Бајрактар, беа гости на вечерашниот тренинг на нашите кошаркари, со цел да се запознаат со човечките ресурси и условите за работа со кои располага еден од најголемите македонски спортски брендови.

Гостите, кои беа придружувани од извршниот директор на клубот Филип Ѓоревски, во пријатна атмосфера разговараа со момците во сино-бела опрема и со членовите на стручниот штаб. Тие се интересираа за предизвиците со кои се соочува клубот од Аеродром и ни посакаа среќа во продолжение од сезоната во сите натпреварувања, со желба да ги оствариме зацртаните цели.

Посетата на делегацијата од Турција е само уште еден доказ дека МЗТ Скопје Аеродром останува достоен промотор на македонската кошарка и спорт во интернационални рамки, но и потврда за одличната соработка која нашиот клуб ја има со турската бизнис заедница во државата, која се надеваме ќе биде уште подобра и поплодна во периодот што е пред нас.