Тесен пораз во тврд меч против Ираклис
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја со победа да ја отворат новата европска авантура. Во тврд, рововски и до самиот крај возбудлив натпревар пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“, „штрковите“ по голема борба загубија од грчкиот состав Ираклис со 59-64.
Се чини дека пресуден фактор за ваквиот епилог беше скратената ротација во таборот на македонскиот првак. Отсуството на повредениот лидер Војдан Стојановски, како и на Андреј Андоноски, сериозно се почувствува во играта на „сино-белите“. Поискусниот гостински тим го диктираше ритамот во поголемиот дел од мечот, но МЗТ ниту еднаш не дозволи противникот резултатски да се одлепи. Храбрата игра донесе вистинска драма во финишот, во која Грците сепак беа поприсебни и ги однесоа бодовите.
Во отсуство на капитенот, улогата на лидер ја презеде Ноа Фарахан, кој мечот го заврши со 18 поени и три скока. Двоцифрен ефект забележа и Лесли Варнер со 11 поени и три скока, додека солидни минути на паркетот имаа Тадија Тадиќ (осум поени, четири скока и четири асистенции) и Емир Крајиниќ (седум поени и три скока).
Аеродромци немаат многу време за тагување, бидејќи пеколниот ритам продолжува. Веќе в сабота ги чека гостување кај Кожув во рамки на домашното првенство, а следната среда во Скопје доаѓа естонскиот Тарту за нов голем предизвик на европската сцена.