Сигурна победа над Куманово како најава за дуелот со Ираклис!
Кошаркарите на МЗТ Скопје со сигурна победа ја отворија новата сезона во Суперлигаta, откако на домашен терен го совладаа составот на Куманово (85-77).
Нашите момци прикажаа игра за мерак, борбеност каква што секогаш се посакува од нив и вистинско „гинење“ за секоја топка. Таквиот пристап, комбиниран со одлична реализација, беше сосема доволен за сигурен триумф и радост на стартот од првенството.
Победата е уште позначајна ако се знае дека беше остварена преку одлична тимска игра, во која товарот беше рамномерно распределен. Најефикасни во нашите редови беа Лесли Варнер (5 скока) и Тадија Тадиќ (5 асистенции) со по 15 постигнати поени. Одличен настап имаше и Лука Стојановски со 13 поени, додека двоцифрен учинок забележаа и Андреј Маслинко и капитенот Дамјан Стојановски со по 10 поени.

Пофалби за својот настап заслужува и Андреј Андоноски, кој одлично помогна со 8 поени и 8 скока, како и младиот Никола Василевски кој покажа исклучително храбра игра, завршувајќи го мечот со 6 скока и 2 асистенции. Она што дополнително радува е фактот што тимот покажа карактер и стигна до победата и покрај тоа што стручниот штаб поради поситни повреди не можеше да смета на услугите на Војдан Стојановски, Ноа Фарахан и Димитрије Николиќ.
Овој триумф е најдобрата можна увертира за она што следува – големата мега-пресметка против грчки Ираклис! Овој меѓународен спектакл е закажан за 6 октомври (вторник) во нашата тврдина, СЦ „Јане Сандански“. По дуелот со гостите од Солун, пеколниот ритам на натпревари го продолжуваме веќе следниот викенд на гостински терен кај екипата на Кожув.
Повикот за вторник е јасен: СИТЕ ВО САЛА! Да ги поддржиме нашите момци до нова голема победа.