Сутјеска лесно преслушана за осма победа по ред во Аеродром

Одличниот шут од поле, пред сѐ за три поени, како и далеку подобрата тимска игра што резултира со поголем број асистенции (22-13), на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром им ја донесе осмата победа по ред на домашен терен сезонава во АБА2-лигата и тоа во пресметката со секогаш незгодната Сутјеска (88-78).
Првите 15-тина минути поминаа во иницијатива на противникот, кој во овој период оствари и двоцифрена позитива (33-22), по што следуваше блескав период на нашите момци и неверојатна серија 25-3 со која нашиот тим дојде до плус 11 (47-36).
Од тој момент, до средината на последниот период, на теренот постоеше само тимот од Аеродром, кој дојде и до највисоката предност од 16 поени (67-51). Црногорскиот тим врати со десет поени во низа и намали на само минус шест (61-67) на пет минути до крајот на средбата. Тоа, сепак, не ги исплаши момчињата во сино-бело, кои адекватно одговорија на налетот и брзо потоа повторно дојдоа до двоцифрена предност (79-63), која потоа умешно ја задржаа до самиот крај.
Мал проблем на двете екипи направија двете принудни пауза по барањето на судиите, прво да се дислоцираат нашите најверни навивачи, а потоа и целата сала. По мало убедување, тоа се случи, по што средбата продолжи со позитивен крај за нашиот тим.
Аеродромци постигнаа 15 тројки со 50-отстотна прецизност, а имаа и девет асистенции повеќе (22-13), што беа клучните фактори во победата, со која останаа неприкосновени на втората позиција на табелата со учинок 12-4. Стојановски средбата ја заврши со 28 поени, додека Ерон Харис и Бојан Крстевски реализираа по 14 поени. Кај гостите убедливо најдобар беше поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Никола Павличевиќ, со дури 36 постигнати поени.
Македонскиот шампион следниот дуел во АБА2-лигата ќе го одигра во вторник и тоа на гости кај поранешниот европски шампион, Сплит.