МЗТ Скопје Аеродром ќе се жали на ригорозната казна од АБА-лигата

Информацијата дека сме казнети со неверојатни 15.000 евра и настап на еден натпревар пред празни трибини (следниот против Хелиос) ни дојде буквално како „гром од ведро небо“, пред сѐ поради поради ригорозноста покажана кон нашиот клуб.
Шокирани сме од одлуката, особено што станува збор за натпревар на кој присуствуваа само 250 гледачи и на кој немаше некој посериозен инцидент. МЗТ Скопје Аеродром долги години наназад настапува во натпреварувањата од АБА-лигата и досега бил домаќин на голем број натпревари, на кои никому ништо не му се случило. Напротив, неретко сме биле потенцирани како пример за добро организиран клуб, кој знае да се справи со предизвиците кои со себе ги носи играњето во друштво на најдобрите тимови на просторот на поранешна СФР Југославија. Затоа сме изненадени што преку ноќ се заборава на многуте одлично организираните натпревари низ годините и ни се наметнува епитетот на проблематичен домаќин.
Досега сезонава сме казнети со повеќе од 20.000 евра и тоа за средби на кои вкупно на сите заедно немало ниту приближно гледачи како на само еден од попроблематичните дуели на кои бевме сведоци во регионалното натпреварување изминативе две години. Затоа, решени сме да не дозволиме дополнително нарушување на имиџот на нашиот клуб, односно ќе побараме адекватна проценка на нашите пропусти.
Поради сето ова, МЗТ Скопје Аеродром уште денеска ќе поднесе жалба на одлуката на дисциплинскиот судија и уверени сме дека ќе ја истераме правдината на виделина, односно ќе покажеме дека направениот грев е погрешно градиран и дека наместо од групата сериозни ќе треба да биде сместен во категоријата помали прекршоци.
А за тоа, санкциите се далеку помали и поподносливи.