Со победа над Пелистер го завршивме регуларниот дел од Првата лига!

Кошаркарите на МЗТ Скопје како убедливо првопласирани го завршија регуларниот дел од сезоната во Првата лига, откако вечерва го добија дербито против Пелистер (95-93), кое немаше резултатска важност со оглед што беше преголема разликата помеѓу двата тима на табелата.
Нашите момци го диктираа темпото и ја имаа контролата во сите 40 минути, а тоа беше најизразено во третиот период во кој дојдовме до највисоката позитива од плус 17 (65-48). Потоа дојде до мало опуштање во сино-белиот табор, што противникот со серија тројки го искористи и намали на само минус еден (93-94), но со цврста одбрана спречивме целосен пресврт. Дамјан Стојановски со 16 поени и седум скока и Кеандре Кук со 15 поени и по пет скока и асистенции беа најпрецизни кај МЗТ Скопје, каде што двоцифрен поентерски ефект имаа уште Војдан Стојановски со 13, Бојан Крстевски со 12 и Дастин Вер со 10 поени.
Со овој триумф, избраниците на тренерот Драган Николиќ првиот дел од шампионатот го завршија со скор 20-2, односно три победи повеќе во однос на најголемиот ривал за титулата од Битола. Тоа значи дека во четвртфиналето од плејофот ќе играме против Кожув во серија до две победи, а потоа во очекуваното полуфинале против подобриот од пресметката помеѓу Гостивар и Работнички, кое исто така ќе се игра до две победи. Само финалната серија ќе се игра до три победи.