Со перфектна игра до убедлива победа против Сутјеска!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром блеснаа кога беше најпотребно, па со фантастична игра во сите 40 минути буквално ја прегазија екипата на Сутјеска (93-64) во денешниот меч од 4. коло од АБА2-лигата одигран на турнирот на Златибор.

Аеродромци брзо се свестија по завчерашниот шок, кога по водство од 15 разлика загубија од Хелиос, па ја одиграа најдобрата партија сезонава и тоа без болниот Седрик Расел. Десетте поени во низа на стартот од првата четвртина на македонскиот шампион му ја донесоа прва поопиплива предност (12-4), која во вториот период со серија 17-8 се искачи и на огромни плус 24 (41-17), како најава на втората победа сезонава во регионалното натпреварување. До крајот беше само рутинско привршување на работата, со одличен старт и на почетокот на последниот период кога „металците“ со 15-2 дојдоа и до највисоките денеска плус 33 (84-51).

Војдан Стојановски со 17 поени и шест асистенции повторно беше најдобар кошаркар кај МЗТ Скопје, додека следеа Душан Танасковиќ со 13 поени и пет скока и Ејасу Ворку со 11 поени и пет скока. Двоцифрен поентерски ефект имаше уште и Бојан Крстевски со 10 поени, на кои додаде шест скока и четири асистенции.

Сега сме на скор 2-2, а третиот и последен меч на турнирот на Златибор ќе го одиграме задутре (сабота) и тоа против Бора Бања Лука (12 часот).