Со најмногу поени сезонава го збришавме Чаир 2030!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром без никакви проблеми вечерва ја одработија задачата на гостувањето против Чаир 2030 (113-79) во последниот меч од 18. коло од Првата лига.

Аеродромци со овој триумф повторно се осамија на лидерската позиција на табелата со скор 16-2, односно со една победа повеќе во однос на Пелистер. Разликата во квалитет помеѓу двата тима беше огромна, па единствена енигма беше конечната позитива во корист на шампионот.

Двоцифрени кај „металците“ беа Страхиња Миќовиќ со 24 поени и седум скока, Кеандре Кук со 16 поени, Александар Бурсаќ и Андреј Андоноски со по 13 поени и Дамјан Робев со 11 поени во ситуација кога поголем дел од носителите на играта добија (по)мала минутажа.

Ова беше своевидно загревање за МЗТ Скопје во пресрет на можеби клучниот меч за опстанок во АБА, саботното гостување кај директниот ривал, Борац Чачак.