Победа над Задар за останување во игра за опстанок во АБА!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром остануваат во игра за опстанок во АБА-лигата, откако вечерва на домашен терен го совладаа Задар (84-80), а претходно добија помош од Сплит, кој беше подобар од директниот ривал на македонскиот првак, Борац Чачак (113-99).

Клучна за триумфот на сино-белите од Аеродром беше серијата 18-0 на крајот од првата и почетокот на втората четвртина, со која дојдоа до огромни плус 23 (40-17). Тоа беше потстрекот кој им требаше на избраниците на тренерот Драган Николиќ, кои потоа со агресивна одбрана и смирени напади ја задржаа високата предност до самиот крај.

Противникот пружи силен отпор во второто полувреме, сериозно ни се доближи, во еден момент на само минус два (80-82), но нашите момци ги одбија неговиот последен налет за голема радост во тимот и во салата. Мајк Кефи со 21 поен беше најефикасен кај тимот од „Јане Сандански“, веднаш зад него беше Страхиња Миќовиќ со 15 поени и 11 скока, додека Кеандре Кук додаде 14 поени.

МЗТ Скопје Аеродром сега има скор 5-19, односно една победа помалку од Борац Чачак. До крајот има уште две кола, во кои аеродромци мора да ги победат Сплит на гостински и Цибона на домашен терен, додека чачаните ќе мора да загубат од Црвена Звезда дома и од Будуќност на гости.