„Сараево и Белград ни се ривали за организација на завршницата во АБА2!“

На денешната прес-конференција, на која беше претставен новиот тренер на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ, свои размислувања изнесе и новиот извршен директор на клубот, Филип Ѓоревски, кој освен што го претстави новиот стратег, откри детали околу нашата кандидатура за организатор на завршниот турнир од АБА2-лигата.

Сино-белите во моментов се втори на табелата со скор 8-2 и во пресрет на последниот турнир и завршницата со најдобрите осум екипи влегуваат со највисоки амбиции, а тоа е влез во елитното регионално натпреварување.

„Поразот во Купот на Македонија беше главната причина што се решивме за промена кај тренерите. Александар Петровиќ е исклучително квалитетен стратег, чие искуство ни дава гаранција да се надеваме дека зацртаните цели ќе бидат остварени, а тоа се одбрана на титулата и влез во АБА1. Вториот дел секако ќе биде потежок, но се обидуваме да дојдеме до домаќинство на завршниот турнир, што секако би ни било предност. Но, тоа нема да биде лесно остварливо, со оглед што имаме сериозни конкуренти во Белград и Сараево. Нашата понуда е испратена и сега чекаме одговор од раководството на АБА“, изјави Ѓоревски.

Според информациите на директорот на МЗТ, одлуката за тоа каде што се игра фајналејт-турнирот од АБА2, закажан за 13-17 април, ќе биде донесена најдоцна до 10 март.