Рутински го средивме Феникс како загревање за двете гостувања по ред!

Рутинска победа на домашен терен против Феникс (92-68) и повторно одвојување на првото место на табелата во Суперлигата, сега со два триумфа повеќе во однос на главниот конкурент, тимот на Пелистер, кој утре му гостува на Гостивар.
Во мечот влеговме како големи фаворити, но и покрај тоа мораше професионално да ја одработиме задачата. И покрај неиграњето на Дамјан Робев и на Немања Милошевиќ (ситни повреди), минутажата беше рамномерно распоредена, за да не дојде до преголем замор кај најдобрите, а шанса добија и најмладите од клупата. Водството го имавме од првиот до последниот момент, а единствена енигма беше со колкава разлика ќе дојдеме до бодовите.
Бре Ајви со 16 поени и седум скока беше најпрецизен во нашиот тим, додека веднаш зад него беше Роберт Рикиќ со 15 поени, 14 скока и пет асистенции. Двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Војдан Стојановски со 14, Адем Мекиќ со 13 и Хуан Дејвис со 12 поени.
МЗТ Скопје Аеродром на две кола до крајот на суперлигашкиот дел останува првопласиран со скор 26-4. Дуелот против Феникс беше и своевидно загревање пред двете гостувања кои нè чекаат следната недела, прво кај Гостивар, а потоа и кај Пелистер.