Рутинска победа над Струмица и тоа со „стотка“!

Рутинска победа за нашите момци во вечерашната пресметка на домашен терен против Струмица (100-66) во заостанатиот меч од 5. коло од Првата лига, во кој основна цел на тренерот Александар Петровиќ беше да не ги оптовари премногу своите кошаркари во пресрет на петочната средба од АБА.

До четвртиот прволигашки триумф дојдовме без никакви проблеми, а шанса добија сите од клупата, додека надвор од тимот за оваа средба беа Бојан Крстевски и Еван Максвел. Петорица од плаво-белиот состав завршија со двоцифрен поентерски ефект, меѓу кои најпрецизни беа Адем Мекиќ со 16, четири скока и пет асистенции и Димитар Пандев со 15 поени и 11 скока. Зад нив според учинокот беа Страхиња Миќовиќ и Дамјан Робев со по 12 поени и Дамјан Стојановски со 11 поени. Повеќе од едно полувреме на теренот беше и 16-годишниот Бојан Величковски, период во кој дојде до три поени, три асистенции, три блокади и два скока.

Нашата екипа уште утре тргнува на пат кон Белград, каде што в петок ќе му гостува на белградски ФМП. Следниот домашен предизвик, пак, ни е исто на домашен терен и тоа за точно една недела против Куманово.