Работнички совладан со чисти 3-0, титулата се врати во Аеродром!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром по седми пат се шампиони на Македонија, откако вечерва, трет пат по ред, го совладаа Работнички (85-78) за чисти 3-0 во големото плејоф-финале.
Титулата по 750 дена се враќа во витрините на нашиот клуб, како круна на исклучително напорна сезона, во која одигравме повеќе од 70 натпревар. Клучниот триумф го остваривме малку потешко од очекувањата, но нашите играчи блеснаа кога беше најпотребно и ја осигураа предноста која ни го донесе посакуваното славје.
Иве Иванов со 23 поени, седум скока и седум асистенции беше најдобар во победничкиот тим, а зад него беа Лестер Медфорд со 16 поени и седум асистенции, Дамјан Стојановски со 12 и Андреј Магдевски со 11 поени.
Со овој трофеј само продолжи доминацијата на нашиот тим во првенството со оглед што седумте титули се освоени во последните осум години.