МЗТ Скопје Аеродром по шести пат е кошаркарски шампион на Македонија!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја одбранија титула во домашното првенство, откако вечерва, во фантастичен меч со драматичен финиш, го совладаа Карпош Соколи (86-82) во „мајсторката“ од навистина големото плејоф-финале.
Ова е шести триумф на сино-белите по ред, со што дополнително е намалена разликата во однос на Работнички, кој има 14 успеси. „Металците“ ја имаа контролата врз играта и резултатот речиси во сите 40 минути од вечерашниот дуел и сосема заслужено дојдоа до посакуваниот триумф. Голема заслуга за ова имаат и околу 3.000 навивачи кои даваа енергија во моментите кога беше најпотребно.
Јунак на вечерта беше Шарлон Клоф со 29 поени, седум скока и пет асистенции, а голема заслуга има и Ѓорѓе Дреновац со 23 поени. Ксавиер Темс средбата ја заврши со 12 поени додека Данило Мијатовиќ постигна девет поени со седум скока.