Против 13 ривали, преку пет турнири и класичен плејоф до борба за врвот во АБА2!

Во дуели против 13 други екипи, преку пет турнири, а потоа и плејоф-систем според принципот дома-гости, екипата на МЗТ Скопје Аеродром ќе тргне на патот кон големото финале, а потоа и кон шампионскиот трофеј во АБА2-лигата, кој ќе значи враќање онаму каде што и му е местото на нашиот тим – јадранската елита.

Сино-белата чета против себе ќе има два домашни противници, Пелистер и ТФТ, како и по најмалку два ривали од секоја од државите од поранешна СФР Југославија. Сезоната ќе ја почнеме со дебитантот во оваа конкуренција, хрватска Цедевита Јуниор, по што нѐ чека реприза на битката за македонската титула против големиот ривал од Битола. Потоа против себе ќе го имаме еден од најголемите ривали за најголем пласман, словенечки Хелиос, додека со ТФТ ќе ги одмериме силите во 11. коло.

Првичните информации велат дека еден од нашите најголеми конкуренти за враќање во АБА ќе ни биде српскиот претставник Спартак Суботица, кој исто така првпат игра во оваа конкуренција, но кој со сериозен буџет најавува формирање тим за место во регионалната елита. Со овој состав ќе ги одмериме силите во седмото коло.

Во моментов не се знае името на само уште еден учесник, кој ќе биде познат по дополнителните квалификации во кои ќе учествуваат Босна, Спарс (БиХ), Илирија (Словенија) и Војводина (Србија). Победникот ќе игра во АБА2 следната сезона.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

МЗТ Скопје Аеродром – Цедевита јуниор (9-11 октомври)

МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер (11-13 октомври)

МЗТ Скопје Аеродром – Хелиос (13-15 ноември)

МЗТ Скопје Аеродром – Сутјеска (15-17 ноември)

МЗТ Скопје Аеродром – Борац БЛ (18-20 ноември)

МЗТ Скопје Аеродром – Подгорица (18-20 декември)

МЗТ Скопје Аеродром – Спартак Суботица (20-22 декември)

МЗТ Скопје Аеродром – Шенчур (29-31 јануари)

МЗТ Скопје Аеродром – Шибенка (31 јануари – 2 февруари)

МЗТ Скопје Аеродром – Квалификант (3-5 февруари)

МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ (18-20 март)

МЗТ Скопје Аеродром – Златибор (20-22 март)

МЗТ Скопје Аеродром – Широки (23-25 март)