Пораз од ФМП во меч со драматичен финиш!

По голема борба во сите 40 минути и реалната шанса да се избориме најмалку за продолжение, нашите момци го положија оружјето пред брзиот и агресивен тим на ФМП (97-101), во меч во кој имавме моменти на одлична игра кои, пак, треба да бидат основа за средбите кои се пред нас.

Белграѓани се најпријатното изненадување досега во АБА со само еден пораз, што го покажаа со брзото двоцифрено водство, кое во вториот период се искачи и до плус 14 (55-41). Тоа како да ги налути плаво-белите кошаркари, кои вратија со серија 16-0 и дојдоа до првото водство на средбата (57-55) на стартот од второто полувреме. Ова, секако, им одзеде голем дел од енергијата, па домаќинот повторно заигра подобро и дојде до водство и со 18 поени разлика, но ниту тоа не ги обесхрабри избраниците на тренерот Александар Петровиќ. Одговорија на идентичен начин, брзо и агресивно и со серија 21-5 дојдоа на само минус еден (96-97), а можеа и да изедначат на девет секунди до крајот, ако Мајк Кефи го погодеше и второто слободно фрлање.

Американецот немаше среќа, а потоа му беше досуден престап по освоена топка на 99-97 за противникот, што значеше и крај на надежите за изненадување. Кефи и Страхиња Миќовиќ со по 18 поени беа најефикасни во нашиот тим, Самет Јигитоглу и Војдан Стојановски постигнаа 16 односно 15 поени, а двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Бре Ајви со 11 и Андреј Магдевски со 10 поени.
МЗТ Скопје сега е на скор 1-6, а наш следен противник е тимот што исто така има една победа досега, српскиот претставник Мега, меч закажан за 27 ноември во „Јане Сандански“. Претходно, во вторник, нѐ чека обврска во домашното првенство исто така на домашен терен против Куманово.