Победа над Арис среде Солун во првата контрола пред новата сезона!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со победа над Арис со 70-66 (11-14, 18-15, 20-16, 21-21) среде Солун го почнаа циклусот подготвителни средби во пресрет на новата сезона.

Нашите момци одиграа одичен натпревар, на кој настапивме без Адем Мекиќ, Еван Максвел, Самит Јигитоглу и Андреј Андоноски поради повреди, како и без Бре Ајви, кој поради семејни проблеми доби дозвола подоцна да ѝ се приклучи на екипата. Шутот од далечина беше речиси перфектен, за што потврда доаѓа од постигнатите 12 тројки, во што предничеа Дамјан Стојановски и Страхиња Миќовиќ со по три.

Домаќинот почна силно и брзо поведе 9-2, но нашите момци вратија со серија 17-7 за прво водство (19-16). Аеродромци потоа зголемија на плус седум (40-33), за во последниот период да дојдат до највисоките 61-48. Арис не се предаде и врати со серија 15-2 (63-63), но сино-бели не испаничија, туку искусно ги реализираа следните два напади, за со тројката на Војдан Стојановски да стават крај на прашањето околу победникот.

Токму Војдан со 16 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, а двоцифрен ефект имаа и Мицовиќ со 15 и Д. Стојановски со 11 поени. Дамјан Робев заврши со девет поени, Андреј Магдевски реализира седум, Мајк Кафи и Бојан Крстевски по пет, а во листата стрелци се впиша и Димитар Пандев со два поени.