Осми Куп-Трофеј за МЗТ Скопје

Тимот на МЗТ Скопје е освојувач на Купот на Македонија откако вечерва славеше над Карпош Соколи со резултат 68-62. Натпреварот помина во израмнета игра на двете страни, а МЗТ Скопје клучната предност ја оствари во последната четвртина која ја доби со резултат 18-12. На половина минута до крајот на средбата при водство на МЗТ Скопје од 64-62, капитенот Дамјан Стојановски успешно реализира за два поена при еден влез во противничката одбрана, а потоа беше двапати прецизен и од линијата за слободни фрлања со што стави точка на финалниот натпревар за конечни 68-62.
Ѓорѓе Дреновац беше најпрецизен играч на денешната средба со реализирани 16 поени, додека Марко Љубичиќ, Урош Луковиќ и Данило Мијатовиќ постигнаа по 10 поени.
Кај Карпош Соколи, Душан Кнежевиќ беше најдобар поединец со 14 поени.
Вечерашниот трофеј е вкупно 8-ми за тимот МЗТ Скопје во својот 12-ти настап од завршницата на Купот на Македонија.