Одличен старт на 2020: По две продолженија ја средивме Рогашка среде Словенија

Големото срце и максималната мотивираност на нашите кошаркари се покажаа како клучен фактор во денешниот триумф на тешкото гостување кај Рогашка (90-83), обезбеден по голема борба и дури две продолженија.
Сино-белите момци апсолутно заслужено дојдоа до злато вредните бодови во Словенија, бидејќи водеа во поголемиот дел од средбата и тоа во еден момент од втората четвртина и со двоцифрена разлика (23-13). Противникот имаше по два шута за победа во последните напади во регуларниот дел и во првото продолжение, но нашата одбрана беше гранитна па резултати останаа изедначени (67-67 и 74-74).
Но, нашите кошаркари покажаа голема стабилност и максимална концентрација, па дури и кога беа во безизлена ситуација не попуштија со духот и се бореа до крај. Тоа им донесе награда во вториот екстра период, во кој одиграа далеку подобро од противникот и со серија 9-2 дојдоа до предност (83-76) која се покажа како недостижна за Рогашка.
Со овој триумф, МЗТ Скопје Аеродром се забетонира на втората позиција на табелата во АБА2 со скор 11-3, односно со само една победа помалку зад лидерот Борац Чачак. „Металците“ воедно се оддалечија дури три чекори од вечерашниот противник, кој пред ова коло беше веднаш зад нив, заедно со Сутјеска и со Широки.
Српскиот интернационалец Ѓорѓе Милошевиќ уште еднаш одигра фантастично, остварувајќи дабл-дабл ефект од 30 поени и 11 скока, додека двоцифрен поентерески ефект имаа уште и Дамјан Стојановски со 13 поени, осум скока и пет асистенции, Џабари Хиндс со 11 и Ерон Харис со 10 поени.
Следниот противник за македонскиот шампион е токму најголемиот ривал за првата позиција од Србија, меч кој ќе се одигра следниот четврток во Чачак.