Кошаркарите на МЗТ Скопје делеа пакетчиња на првачиња од општина Аеродром

Стотина првачиња од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром, денеска посреќни ќе си заминат дома, откако на подарок добија новогодишно пакетче од сино-белиот Дедо Мраз, кој овој пат во „мисија“ ги испрати своите „помошници“ од таборот на МЗТ Скопје Аеродром.

Во склоп на својата општествено-одговорна мисија и желба за директен контакт со локалната заедница, а во соработка со претставниците на општина Аеродром, македонскиот кошаркарски шампион реши да издвои дел од своите средства за да израдува дел од најмладите. Гестот е можеби симболичен, но е од срце, бидејќи ништо не може да го замени задоволството кога ќе се слушнат детските насмевки и нивното искрено благодарам за направеното изненадување.

Подароците на сите најмали во едно од основните училишта кои гравитираат во нашата општина ги поделија капитенот Дамјан Стојановски, заедно со репрезентативните и клупски колеги Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, како и со извршниот директор на клубот, Тони Грнчаров, а во друштво на директорот на образовната установа, Марјан Јовановски. Дружбата со првачињата донесе големи насмевки и на нивните лица, а поздравите и прегратките од нивните најмали обожаватели им носат и дополнителен мотив за уште посериозна работа, труд, но и промоција на спортските вредности.

Воедно, се надеваме дека следната година ќе успееме да опфатиме уште повеќе училишта, а со тоа да израдуваме уште повеќе дечиња.