Неуспешен старт на сезоната во АБА2
Кошаркарите на МЗТ Скопје со пораз ја отворија новата сезона во АБА 2 лигата, откако по голема борба загубија на гостувањето кај Сутјеска (75-85).
Нашите момци одиграа цврст и храбар натпревар од првиот до последниот момент, во дуел исполнет со неколку промени на водството. Иако тимот покажа карактер и постојано беше во игра за позитивен резултат, домаќинот беше поконкретен во клучните моменти и успеа да дојде до триумфот на отворањето на регионалното натпреварување.
Најефикасен во нашиот состав беше Ноа Фарахан со 18 постигнати поени, а веднаш зад него беше Димитрије Николиќ со 17 поени и 3 скока. Војдан Стојановски запиша 8 поени, додека Лука Стојановски и Лесли Варнер го завршија мечот со по 7 поени.
За нашите кошаркари нема време за одмор ниту за долги анализи – експедицијата веднаш се враќа за Скопје бидејќи продолжува пеколниот ритам на три фронта. Веќе во вторник, пред нашата публика во „Јане Сандански“, нѐ очекува важен европски предизвик против кипарски АЕК Ларнака во ФИБА Европа купот, а само два дена подоцна, во четврток, следува и гостување кај Струмица во рамки на домашната Суперлига.