Пелистер „падна“ во Аеродром – прв триумф за Србиновски!

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром запишаа значаен и сигурен триумф во денешното дерби на домашен терен против составот на Пелистер, славејќи со 74-60. Оваа победа има дополнителна тежина бидејќи е прва за Дејан Србиновски како прв тренер во Суперлигата, откако ја презеде одговорната улога само неколку дена по спогодбената разделба со Васко Атанасов.

Нашите момци одиграа зрело и дисциплинирано од првата до последната минута. Ја имавме контролата врз играта и резултатот од самиот старт, па во ниту еден момент не дозволивме драма во завршницата, рутински обезбедувајќи ги новите суперлигашки бодови. Во составот по само еден одработен тренинг со екипата се најде и повратникот Адем Мекиќ, од кого во наредниот период се очекува голем придонес на сите фронтови.

Најефикасен во нашите редови беше Лука Стојановски со 18 поени и четири погодени тројки. Одлична партија пружи Војдан Стојановски со 13 поени и 7 скока, Емир Крајиниќ заврши со 12 поени и 5 скока, додека Андреј Андоноски доминираше во скокот со дури 14 фатени топки, надополнети со 8 постигнати поени.

Следен предизвик за сино-белата чета е гостувањето во Полска кај тимот на Џики Варшава во рамки на 5. коло од ФИБА Европа купот, натпревар кој е закажан за в среда (4 ноември).