Падот во третата четвртина нѐ спречи да го совладаме АЕК!
Кошаркарите на МЗТ Скопје претрпеа пораз на домашен терен од кипарски АЕК Ларнака (69-85) во рамки на ФИБА Европа купот, во натпревар во кој клучна се покажа слабата игра во третиот период.
Нашиот тим одигра квалитетно и конкурентно во поголемиот дел од средбата, но големиот пад во играта во третата четвртина го анулира сѐ добро направено во останатите три периоди. Гостите од Кипар знаеја како да го искористат тој празен од на нашиот тим, направија одлучувачка предност и на крајот заслужено стигнаа до триумф во Скопје.
Најсветла точка во нашиот состав беше Емир Крајиниќ кој оствари одличен „дабл-дабл“ учинок од 17 поени и 12 скока. Ноа Фарахан го заврши натпреварот со 14 поени и 4 асистенции, Лесли Варнер запиша 10 поени, додека Лука Стојановски застана на 9 постигнати поени.
Пеколниот распоред на натпревари не ни дозволува премногу да се задржуваме на вечерашниот неуспех. Фокусот веднаш го насочуваме кон домашната Суперлига: веќе задутре (четврток) ни следи гостување кај Струмица, а веќе в недела во нашиот Аеродром го пречекуваме составот на Пелистер.