МЗТ Скопје УНИ Банка со најмладиот тим во историјата ја почнува прволигашката одисеја

Нашиот втор тим, кој минатата сезона се прошета во второлигашката конкуренција и дојде до историски пласман во екипата и кој ќе се натпреварува под името МЗТ Скопје УНИ Банка, попладнево ќе го има историското деби во Првата лига и тоа против најголемиот ривал, Работнички (18 часот).
Ова е првпат во макбаскетот во елитата да играат две екипи од ист клуб, за што основна идеја беше да им се даде шанса на најталентираните од нашата младинска школа да се натпреваруваат во прволигашки тим каде што нема да бидат само за „спотер“ туку ќе ја имаат водечката улога и ќе имаат завидна минутажа. МЗТ Скопје УНИ Банка во дебитантската сезона во Првата лига влегуваат како најмлад тим во историјата на ова натпреварување, со оглед што тренерот Горан Крстевски на располагање има кошаркари чија просечна старост е нешто над 18 години.
Тинејџерите во сино-бела опрема се свесни дека пред нив е период во кој најважно е собирањето искуство, но тоа не значи дека однапред ќе се предаваат во борбата со повозрасните од себе. Младите момчиња ветуваат голема борбеност на секој натпревар, па се очекува така да биде и на денешното гостување кај Работнички, до кое дојде со замена на домаќинствата поради зафатеност на салата „Јане Сандански“.
МЗТ Скопје УНИ Банка и во вториот меч од новата сезона ќе биде во улога на „гостин“ и тоа против нашиот прв состав во уште една историска пресметка каква што досега не е видена во македонската кошарка. Таа средба ќе се одигра в петок од 18 часот.