МЗТ Скопје кон крајот на август ќе настапи на силен турнир во Кина!
Дека МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски бренд за кој се знае не само надвор од државата туку и надвор од регионот и континентот, доволен доказ е поканата за настап на силниот турнир во Кина (27 август-1 септември), која управата на нашиот клуб со задоволство ја прифати.
Аеродромци кон крајот на следниот месец ќе заминат во кинескиот град Чонгкинг, кој се наоѓа во истоимената провинција во оваа трета по големина земја во светот. Овој турнир ќе биде исклучително квалитетен, со оглед што освен нашиот тим на него ќе настапат и кинеските шампион Лиаонинг и вицешампионот Ксинјанг додека името на четвртата екипа, која исто така ќе биде од Европа, дополнително ќе биде објавено.
Ова ќе биде одлична проверка за четата предводена од тренерот Васко Атанасов во пресрет на сезоната во која ќе се брани двојната круна на домашна сцена и ќе биде направен обид за добар настап во АБА2 и евентуална враќање во јадранската елита. Летово нови аквизиции за нашиот тим се Американецот Брандон Слај и Србинот роден во БиХ, Милош Копривица, додека соработката со нашиот клуб ја обновија Хрватот Марко Бакович и браќата Дамјан и Војдан Стојановски. Договор со нашиот состав имаат уште и Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ.