МЗТ Скопје Аеродром го врати ултраталентираниот Лука Савичевиќ во Македонија!

Еден од најталентираните млади кошаркари во моментов во Македонија, Лука Савичевиќ, е нов член на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, со што само ја потврдуваме заложбата за ангажирање на сѐ што во перспектива е квалитетно и вредно во макбаскетот, со цел тие да бидат светла иднина не само на нашиот клуб туку и на кошаркарскиот спорт во државата.

Станува збор за 18-годишно момче високо 190 сантиметри, кое изминативе две ипол години настапуваше во Шпанија, а кое со својот талент го привлече вниманието на скаути од екипи како Анадолу Ефес, Олимпија Цедевита и Црвена звезда. Тој во февруари годинава се најде на поширокиот список на селекторот на сениорската репрезентација, Александар Тодоров, како уште еден доказ за неговиот квалитет и огромна перспектива.

Савичевиќ следната сезона ќе настапува во Првата лига и тоа во дресот на нашиот втор тим МЗТ Скопје Уни Банка, каде што ќе работи со новиот тренер Борче Даскаловски, кој од него очекува да се наметне како еден од лидерите на овој млад и екстра талентиран состав. Прволигашкото искуство сигурно ќе биде од исклучително значење за него, уште повеќе што ќе игра претежно со врсници со кои веќе има настапувано во националниоте селекции.