И вториот тим на МЗТ Скопје Аеродром ќе тренира и игра во „Јане Сандански“!

Со цел нашите најголеми таленти да ги имаат истите врвни услови за тренирање како и играчите од првиот тим, за непречено да го развиваат својот голем талент, предводниците на МЗТ Скопје Аеродром направија напор и успеаја и на вториот тим да му обезбедат термини за тренинг и натпревари во ултра-модерниот спортски центар „Јане Сандански“, каде што веќе секојдневно се подготвуваат за стартот на новата сезона.

МЗТ Скопје Уни Банка влегува во втората прволигашка сезона со нов тренер, Борче Даскаловски, кој веќе цел месец напорно тренира со кошаркарите што ги има на располагање. Најдобрите од минатата сезона остануваат во сино-белиот дрес, а се засиливме со уште неколку таленти, меѓу кои секако најзвучно е името на репрезентативецот и повратник од Шпанија, Лука Савичевиќ. Секако голем хендикеп ќе ни биде отсуството на супер-талентираниот Виктор Исајловски, кој на еден од првите тренинзи потешко го повреди коленото поради што најверојатно ќе ја пропушти сезоната, но уверени сме дека ќе се врати уште посилен.

Во меѓувреме, неговиот соиграчи ќе стиснат заби и ќе сторат сѐ за да ја пополнат неговата празнина во тимот. Целта на избраниците на тренерот Даскаловски е опстанок во елитата. Во новата сезона влегуваме поискусни и засилени, а не ја исклучуваме и можноста во следниот период да ангажираме уште некој кошаркар, кој ќе биде од голема помош на останатите во тимот.