МЗТ на чекор до 19-то финале во домашниот шампионат
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром поведоа со 2-0 во полуфиналната серија од плејофот против Куманово, откако вечерва на домашен терен славеа со 82-76 и се доближија до пласман во своето 19-то финале во домашното првенство.
Натпреварот започна изедначено, со неизвесност во првото полувреме, но аеродромци ја презедоа контролата во третата четвртина, кога дојдоа до двоцифрена предност. Клучниот момент се случи во последниот период, кога со серија од 14-2 стигнаа до водство од +15, што го реши победникот уште пред самиот финиш.
Најефикасен во редовите на МЗТ Скопје беше Дион Едвид со 22 поени, а солиден придонес дадоа и Бојан Крстевски (12 поени), Андреј Андоноски (10), Милош Копривица и Војдан Стојановски (по 9), како и капитенот Дамјан Стојановски, кој мечот го заврши со 8 поени, 7 скока, 3 асистенции и 3 украдени топки.
Третиот натпревар од оваа полуфинална серија е закажан за сабота во Куманово, каде МЗТ Скопје ќе ја има првата „меч-топка“ за обезбедување финале и борба за нова шампионска титула.