МЗТ, браќата Стојановски и Књазев добија признанија од Општина Аеродром!
Општина Аеродром денеска со пригодна свеченост одбележа два значајни јубилеја – 20 години од своето постоење и 153 години од раѓањето на великанот на македонското револуционерно движење, Јане Сандански. Настанот се одржа во паркот што го носи неговото име, каде што стотици граѓани од различни генерации заеднички го прославија денот.

Во рамки на свеченоста беа доделени бројни плакети, признанија и благодарници на заслужни поединци и институции, кои со своето делување придонеле за развојот и афирмацијата на општината. Меѓу добитниците на највисоките признанија беше и МЗТ Скопје Аеродром – спортскиот симбол на Општина Аеродром и гордост на македонската кошарка.
Плакетата во име на клубот ја примија најмладите членови на тимот – Андреј Петков, Огњен Миловановиќ и Стефан Зетов, симболично претставувајќи ја иднината на сино-белите.

Посебна благодарница добија и браќата Дамјан и Војдан Стојановски, како признание за нивниот огромен придонес во дресот на МЗТ Скопје, како и за освојувањето на бројните трофеи што клубот ги забележа во изминатите години.
Свое заслужено место на свеченоста имаше и легендарниот стратег Александар Књазев, кој доби посебна плакета за неговата незаборавна улога во историјата на клубот. Књазев беше кормилар на МЗТ Скопје во последната деценија од 20. век и предводник на генерацијата која во 1996 година го совлада гигантот Реал Мадрид – победа која и ден-денес се смета за најголемиот успех во македонската клупска кошарка.