Лесна и убедлива победа над Теодо на стартот од АБА2-лигата!

Нашите момци лесно и убедливо го совладаа црногорскиот тим Теодо (68-50) во воведниот меч од новата сезона во АБА2, во која покажаа огромна решителност да се изборат за враќање во јадранската елита.

Сино-белите немаа никакви проблеми со гостинот од Тиват, покажувајќи дека со право нѐ сметаат за еден од фаворитите за највисок пласман во ова регионално натпреварување. Неизвесност во натпреварот имаше само во првите неколку напади, по што со шест поени во низа дојдовме до 10-5, а набрзо потоа и до првото двоцифрено водство на средбата (17-7). Тоа беше показател во кој правец ќе оди оваа средба, со оглед што во ниту еден момент не дојдовме во ситуација да се грижиме околу крајниот исход.

Отпорот на Теодо дефинитивно беше скршен во последната четвртина, кога избраниците на тренерот Васко Атанасов со 11 поени во низа дојдоа до највисоките дотогаш плус 19 (58-39). Војдан Стојановски со 13 поени и шест скока беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, зад него беше Марко Баковиќ со 12 поени и осум скока, додека Андреј Маслинко средбата ја заврши со девет поени и седум скока.

Ова воедно беше и одлично загревање за претстојниот Суперкуп „Драган Василов-Цевка“, во кој в сабота (28 септември) ќе ги одмериме силите против Пелистер.